Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска го презентираше проектот за бесплатни прегледи на видот, за учениците до трето одделение во сите 10 основни училишта во Општината.
Овој проект на Општина Карпош е во соработка со Lions District 132 Club Македонија и USAID, партнерски организации кои на експлицитен начин ја покажуваат својата општествена одговорност и грижа за локалната заедница.
Инаку, потребата од имплементација на ваков проект потекнува од грижата за нашите најмлади карпошани. Според она што го образложи градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, новото време носи нови технологии и иновации, чии консументи се младите кои се постојано пред компјутер, таблет, мобилен, телевизор и често се соочуваат со проблеми во видот.
– Се надевам дека со овој проект ќе успееме да го детектираме проблемот со појава на слабиот вид кај учениците уште во рана фаза, со што ќе може благовремено да се преземат конкретни мерки. Преку овој проект сакаме да ја подигнеме јавната свест кај учениците, но и кај нивните родители за зголемена грижа за децата и правовремена посета на офталмолог. Намерата е со унапредувањето на овој проект, секоја година да се опфаќаат што поголем број на ученици кои се постојано изложени на ризикот за оштетување на видот, посочи Богоев.
Давор Каракашев, од Lions Club Македонија посочи дека овие прегледи се спроведуваат со современи апарати кои за кратко време по прегледот ја востановуваат состојбата со видот и по потреба детето го упатуваат на очен лекар – офталмолог, за навремен третман на проблемите кои настануваат кај видот.