Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Украина и на Република Индија во Република Македонија.
Од Кабинетот на претседателот соопштија дека на средбата со новоименуваниот амбасадор на Украина во Република Македонија, Наталија Задорожњук, Иванов изразил задоволство од пријателските односи што постојат меѓу двете земји, како и од заедничката желба за поинтензивно унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес. Македонскиот претседател истакнал дека од особено значење е интензивирањето на билатералниот политички дијалог, како и унапредувањето на парламентарниот дијалог преку организирање на средби на високо ниво. Амбасадорот на Украина, Задорожњук истакнала дека односите меѓу двете држави се темелат врз доверба, меѓусебно разбирање и поддршка и изрази уверување дека тие ќе продолжат да се унапредуваат со заеднички заложби, посветеност и ангажман.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Индија во Република Македонија, со седиште во Софија, Пооџа Капур, претседателот Иванов истакнал дека односите меѓу Република Македонија и Република Индија ги карактеризира пријателство, меѓусебно разбирање и почитување. Македонскиот претседател порачал дека збогатувањето на нормативно-правната рамка и воспоставувањето на поинтензивна економска соработка, отвора можност за содржински посеопфатни билатерални односи.