Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) го поддржува барањето на поранешните вработени во МПМ и Медиа Принт за исплаќање на неисплатените плати и хонорари.
– ССНМ се солидаризира со поранешните вработени во МПМ и Медиа Принт и во нивното барање до надлежните институции, што поскоро да се решат криминалните случаи поврзани со МПМ и Медиа Принт со цел да се најде начин за исплата на плати, хонорари и отпремнини, кои што сами ги пресмета и ги одреди МПМ, и кои се уставно гарантирано право на секој работник, се вели во денешното соопштение од ССНМ.
За згаснувањето на весниците и онлајн медиумите на компанијата ССНМ смета дека главен виновник е менаџментот на компанијата кој, се наведува во соопштението, „наместо да дозволи на вработените, новинарите професионално да ја работат новинарската работа како во сите демократски општества, се одлучи да и слугува на политиката и политичките афилијации на менаџментот“.
Поради сомневања за криминално работење, стои во соопштението, ССНМ во јуни годинава поднесе кривични пријави против сопственикот и директорот на МПМ Срѓан Керим и Јана Станусављева за злоупотреба на службената положба и овластувања затоа што свесно и со умисла го разнебитувале имотот на компанијата со цел да ги згаснат медиумите во нивна сопственост.
ССНМ ги повикува надлежните институции посериозно да се занимаваат со овој случај со цел негово скоро решавање и исплата на заостанатите плати на речиси 400 вработени во изданијата на компанијата.