Општина Центар врши комплетна ревизија и проверка на неколку објекти и споменици од проектот „Скопје 2014“.
Меѓу нив, како што најави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, на денешната средба со новинарите, се споменикот на Ќосето, за кој се проверува дали има одобрение за градба, Мајка Тереза, Градската куќа заедно со хотелот кој се гради и мостот “Око“. Како општина, ова го правиме во соработка со ОЈО, МВР и СЈО.
„До последен милиметар ќе се испитува што и како е градено, како е продавано дел од земјиштето. Во комисијата се вклучуваат и правници и урбанисти и стручни лица за јавни набавки. Веќе до некои сознанија ќе дојдеме многу брзо, до крајот на годината, а некои, кои што ќе се комплексни, ќе почнат по Нова Година. Досега, се ова одеше бавно бидејќи се она што се доставуваше како сознаније или изготвена ревизија од општина Центар, во обвинителството се оставаше во фиока. Сега се надевам работите ќе одат многу побрзо и поефикасно“, рече Богдановиќ.
Тој најави од понеделник средба во Град Скопје за спорната тераса на партијата ВМРО-ДПМНЕ, за која што претходната власт во Град Скопје се обидуваше да докаже дека не е тврда градба, а за тоа беа менувани дури и одредби во Законот за градење.
„Се што е незаконско изградено ќе биде отстрането. Општина Центар е единствената општина која што го нема во владение неизграденото градежно земјиште. Во разговори сме со Министерството за транспорт и врски и очекуваме од 2018-та година да располагаме со ова земјиште, за да може да се градат нашите ветени и предвидени проекти“, рече Богдановиќ.
За катната гаража „Никофон“ има две кривични пријави за екс министерот Миле Јанакиески и неговиот наследник, но ништо не е преземено. Центар планира ова да остане паркинг, бидејќи со она што го туркаше претходната централна власт, беа оштетени и општина Центар и граѓаните.
Буџетот за 2018-та, најави Богдановиќ, ќе биде развоен, но и домаќински. Предвидена е завршување на сите неопходни интервенции во училиштата и градинките, фасадите да станат енергетски ефикасни, да се заменат 10-тина фасади кои се рунирани во Пролет, Дебар Маало и зградите на просторот спроти „QBE“ Македонија.
Бидејќи сега нема веќе блокади од општина Аеродром, наредната година конечно, по 50 години, улицата Ѓуро Ѓоновиќ во Маџир Маало ќе биде реконструирана, потоа ќе се обноват слободните зелени површини и паркови, меѓу кои и Паркот на Франкофонијата. Наредната година ќе започне изградбата на нова градинка во Маџир Маало, 2 монтажни паркинзи и конечно ќе се расчистат тротоарите, со што ќе се ослободи простор за велосипедски патеки.
Со БЕГ се веќе започнати разговори за приклучување на преостанатите маала на централно грење. За почист воздух ќе има рестрикции за паркирањето во Центар и во договор со градот, забрана за изведување на градежни активности во деновите кога воздухот е загаден.
Богдановиќ најави активности со МВР и надлежните институции за отстранување на дивите препродавачи, потоа ставање ред во работењето на угостителските објекти.
Eден од главните проекти во 2018-та е воведување на нов сообраќаен режим, зони на мирно возење и ограничување на дотур на стока.
Прв пат општина Центар ќе носи буџет во две фази, а по петти декември, буџетот ќе се крои заедно со граѓаните, на средби со нив, со граѓанските здруженија и невладините организации.
За наредната година ќе биде предвиден помал буџет, а што се однесува до прославата на Нова Година, општина Центар нема да троши пари за тоа, но со помош на спонзорства, жителите на Центар, но и сите други граѓани, ќе можат да ја дочекаат Новата Година со македонски пејачи, без класична бина, сите заедно на Сквер Јадран.
Околу шест милиони денари, колку што требаше да се одвои за новогодишната прослава, ќе се пренаменат за зголемување на чистотата и социјална помош.