Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, поделил дел од пакетите со прехранбени продукти, кондиторски производи и средства за хигиена на социјално – загрозените домаќинства од Карпош.
Оваа активност е во рамки на акцијата „Да бидеме хумани за нашите соседи” која неодамна се одржа по 22-ри пат на десет пункта низ Општината пред поголемите маркети, информираат од општината.
Богоев потенцирал дека крајна цел е проблемите да се решаваат системски, во правец на справување со сиромаштијата и невработеноста која е присутна и на локално ниво.
„Овој вид на хуманитарни активности се добредојдени, но, се надеваме дека во иднина поретко ќе ги организираме бидејќи работиме на тоа да обезбедиме достоинствен живот и егзистенција за поголемиот дел од нашите сограѓани“, напомена Богоев.
Од општината велат дека присутните граѓани се заблагодариле за помошта, и посочиле на дел од своите проблеми кои се однесуваат на невработеноста и нивниот нерегулиран статус.
Богоев најавил дека претстојат сериозни разговори со Министерството за труд и социјална политика и министерката Мила Царовска, со цел Општина Карпош да се вклучи во поддршката на социјално – загрозените граѓани преку конкретни проекти и активности.