Независниот синдикат на градежните работници, инженери и трговци во градежништвото (НСГРИТГ) бара Министерството за труд и социјална политика (МТСП) да формира посебна комисија која ќе се залага за подобрување на работничките права, кои, како што велат со години не се почитуваат во сите сектори, а особено во градежниот.
– Бараме да се воспостави правна служба која ќе се заинтересира за промена на Законот за работни односи, во делот на правата на работниците, сивата економија, најниската загаранитирана саатнина, како и да се променат одредбите за синдикално здружување, изјави Атанас Трајковски, претседател на НСГРИТГ.
Трајковски побара зајакнување на инспекцискиот надзор во градежниот сектор каде вели дека е присутна нелојална конкуренција со ангажман на лица од други држави кои добиваат плата директно на рака.
Како што рече, повторно ќе бараат средба со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска од која, посочи, веќе добиле најава за средување на состојбите, но се уште нема конкретна реализација.
Меѓу останатото, НСГРИТ бара и повисоки плати на наставниот кадар во средното и високото образование во областа градежништво.