Министерството за здравство изјави дека ќе го преиспитува работењето на директорката Гордана Донеска од Кардиолошкиот завод „Св. Стефан“ – Охрид, која направила прераспоредување на кардиологот Никола Бакрачески и го унапредила својот сопруг како раководител на болнички сектор, што практично е втора највисока функција во болницата.
„Министерството за здравство не поддржува реваншизам и детално ќе ја испита целата ситуација. За таа цел претставници на Министерството за здравство и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе ја проверат целокупната документација и доколку постои каква било неправилност и непочитување на прописите од оваа област, ова прашање ќе биде регулирано во согласност со законските прописи“, информираат од Министерството.
Истовремено, од таму информираат дека ќе биде консултирана и антикорупциската комисија во однос на назначувањето раководител на оддел, кој практично е сопругот на директорката Доневска.
К. Ландов