Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски изјави дека се обезбедени средства за исплата на платата на вработените во општината и дека ќе биде исплатена една фактура од општина Штип кон ЈП „Стипон“ за да може и тие да исплатат плата на своите вработени.
Бочварски очекува дека утре ќе бидат собрани и уште дополнителните три милиони денари, кои недостигаат за исплата на платите на вработените во штипското комунално претпријатие „Исар“.
– Ова не значи дека ги решивме сите проблеми. Ова значи дека само со макотрпна работа, со одговорна и транспарентна работа ќе успееме со она за што се нафативме да го работиме, да ја стабилизираме општината. Но ова значи дека и наредните месеци ќе се почуствуваат одредени турбуленции во работењето, но веќе нема да биде таков ударот каков што беше овој првичниот во Општина Штип, рече Бочварски.
Тој објасни дека парите се обезбедени од фирми кои должат на општината, а во изминатиов период оствари контакти со фирмите за да излезат во пресрет на општината и да си ги платат долговите пред роковите, со цел вработените во штипските јавни претпријатие да можат да земаат плата.