Косовскиот вицепремиер Хајредин Кучи синоќа изјави дека косовските институции не му дозволиле посета на српскиот претседател Томислав Николиќ на Косово за време на Божик, додавајќи дека српските официјални претставници ќе можат да го посетат Косово кога „ќе се обезбеди реципроцитет во посетите“.
Тој истакна дека ваквата одлука е донесена по консултации со меѓународните партнери.
Кучи нагласи дека посета ќе може да се оствари „единствено кога на лидерите на Косово ќе им се овозможи посета на Албанците во Прешевска долина“.
Николиќ поднел барање до Еулекс на 7 јануари да присуствува на Божиќната литургија во манастирот Грачаница, но се уште не добил одговор, што покажува дека мисијата на ЕУ не е статусно неутрална и не е во состојба да ја осигура било чија безбедност на Косово, се наведува во соопштението од кабинетот на српскиот претседател.
Советникот на српскиот претседател Марко Ѓуриќ синоќа изјави дека одлуката на институциите во Приштина да го спречат присуството на Николиќ на литургијата во Грачаница е многу негативен сигнал пред закажаното продолжување на дијалогот меѓу Србија и Косово во Брисел.
– Тоа е сигнал дека не постои одлучност да се постигнуваат взаемно прифатливи решенија и испратена е порака на нетолеранција, истакна Ѓуриќ.