Финишираат подготовките за почеток на годинашниот откуп на тутун

Од:

Со реколтата 2017 година со тутун вкупно се договорени и засадени 14.342 хектари, е проценка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, презентирана на денешниот работен состанок на ресорниот министер Љупчо Николовски со Здруженијата на тутунари и откупувачите на тутун.

Врз основа на согледувањата на терен, според проценките од страна на Здруженијата на тутунопроизводители и на откупувачите, годинешното производство се очекува да биде на ниво од околу 24.000 тони.

На работниот состанок, кој е одржан во пресрет на годинешниот откуп на тутун беше презентирана актуелната состојба со производството на тутун, како и очекувањата за годинешните откупени количества на тутун.

Согласно Законот за тутун и тутунски производи склучувањето на договорите за производство и откуп на тутун за годинешната реколта, заврши на 10 април годинава.

Регистрирани се девет откупни компании, кои пријавија 29.132 договори за производство и откуп на тутун или 1.750 повеќе договори во однос на минатата година кога беа пријавени 27.380 договори.

Тутунарите и откупувачите посочија дека поради лошите временски услови, односно раните мразеви, а потоа и сушата, се очекува помало производство на тутун од договорено производство од 26.532 тони.

Претставниците од здруженијата на тутунари посочија дека претходната година имале проблем со одбитоците што ги вршеле откупувачите и побараа проценката на класите да се врши реално.

Според проценките на откупувачите годинава очекуваат да откупат околу 24.000 тони тутун.

Според законските одредби, откупот на тутун треба да започне најдоцна до 15 декември, но доколку откупувачите ги имаат исполнето сите услови, можат и порано да започнат со откуп на тутун.

Министерот Николовски посочи дека треба да се исполнат сите услови за непречен откуп на тутунот и ги повика откупувачите да се изјаснат дали имаат обезбедно финансиски средства за откуп на тутунот.

Тој потенцираше дека е започната постапката за подготвка на новиот Закон за тутун и тутунски производи, во кој се предвидени промени во делот на класите и пораст на субвенциите за тутун, за што ќе бидат консултирани сите чинители, односно тутунарите, откупувачите и експертската фела.

Годинешниот откуп на тутун ќе се реализира по стариот Закон за тутун и тутунски производи, а новиот закон се очекува да се донесе до крајот на оваа година.

Од откупните компании изразија уверување дека имаат обезбедено финансиски средства за исплата на целокупното договорено количество.

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски, посочи дека инспекторите ќе бидат постојано на терен на откупните пунктови да го следат откупот и ги повика компаниите навремено да го пријават откупот според пропишаните процедури.

Би можело да ве интересира

Откупот на тутунот е при крај, просечната откупна цена е 400 денари

Царина заплени 780 килограми тутун вреден 3,4 милиони денари

Тутунот се расадува, се предвидува добра производствена година

(ВИДЕО) Филипче: Нови субвенции за тутунопроизводителите по 6.000 денари за секој хектар тутун

Бектеши: За уште 35 денари се зголемува откупната цена на тутунот, носиме одлуки во интерес на тутунарите

Откупувачите ги потпишаа анексите со зголемена цена на тутунот, откупот веднаш се интензивираше