Поранешната француска актерка Брижит Бардо се закани дека ќе побара руско државјанство, но не за да избега од плаќањето данок како Жерар Депардје, туку за да спаси два слона, пренесува дописникот на МИА од Париз.
Управниот суд од Лион на 21 декември ја потврди одлуката за еутаназија на префектурата која се однесуваше на два 42 годишни слонови Непал и Баби заболени од туберколоза. Двата слонови се сопственост на циркусот Пандер, но беа позајмени на зоолошката градина во Лион.
Бранителите на животните, меѓу кои и директорот на циркусот Пандер, Жилбер Еделштеин, побараа дури и „претседателска милост“ за двата слонови, но поради ризиците за пренесување на болеста туберколоза од животните на луѓето, судот одби да ги помилува.
Денес, поранешната филмска дива и сега бранителка на животните, Брижит Бардо преку кратко соопштение за јавноста изрази жалење за одлуката за судбината на слоновите Непал и Баби и покрај предлозите на нејзината фондација.
– Ако тие кои ја поседуваат власта имаат кукавичлок и невнимание да убијат два слонови, јас донесов одлука да побарам руско државјанство со цел да ја напуштам оваа земја, која сега е само гробиште за животни, пишува огорчено Брижит Бардо.