Експерти согласни дека единствено владеењето на правото може да ја врати Македонија на вистинскиот пат

Од:

Зголемување на независноста и ефикасноста на судскиот систем и подигање на довербата на граѓаните во институциите на правосудството, се главните приоритети на ресорното Министерство за правда во наредниот период.

Ова го истакна министерот Билен Саљији на отворањето на втората по ред Меѓународна судска работилница „Зајакнување на судската независност и транспарентност преку ревизија на судската одговорност“ што од денеска се одржува во Охрид.

– Првата работа на која Министерството за правда силно се посвети беше подготовка на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, работа која бараше од нас многу стручност, слух за секој чинител од правосудството, но и за интересите на нашите граѓани. Целите кои ги утврдивме во рамките на овој стратешки документ се јасни: независност на судството, одговорност за работата, квалитет, ефикасност и транспарентност, рече Саљији во обраќањето пред учесниците на работилницата.

Тој нагласи дека Министерството останува отворено за соработка со Здружението на судии и во иднина, изразувајќи уверување дека партнерскиот однос со судските експерти ќе продолжи и во иднина, особено во периодот на имплементација на мерките утврдени со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор.

Дејвид Стивенсон, шеф на политичко-економската канцеларија при Амбасадата на САД во РМ во излагањето истакна дека ниту претседателите, ниту премиерите не смеат да се мешаат во судската независност бидејќи судиите се тие што делуваат како контрола на политичката власт.

– Нивната улога е да ја органичат моќта на политичарите, а не обратно. Судиите треба да се противат и на надворешните влијанија, од другите судии, пријатели, роднини, медиуми и јавноста… Моќта не прави никакви отстапки без тоа да се побара од неа, а на судиите останува да инсистираат и да се борат за тоа нивно право на независно судство, истакна Стивенсон уверувајќи ги судиите дека не треба да стравуваат од одговорност поради следење на законот.

Според него, дисциплинските одлуки на Судскитот совет мора да бидат конзистентни, транспарентни и добро образложени и да им обезбедат на судиите право на жалба и на правично судење.

– Никој не треба да има моќ да ве разреши заради вашите судски одлуки. Разрешувањето треба да биде опција само во случај на корупција или криминал, а не за укинати одлуки или заради неисполнување на месечните квоти, рече Стивенсон укажувајќи на потребата од редовна контрола на АКМИС системот за распределба на судски предмети.

Судијата Андреј Димовски од Основниот суд 2 во Скопје забележа дека постои проблематично, недозволиво, па и незаконито однесување на дел од судиите, но нагласи дека истото мора да се индивидуализира, односно одговорноста да падне на оној што се огрешил од законот.

Тој смета дека реизборот на судии не е добро решение и впрочем е и неизводливо според постоечката легислатива. Негова оценка е дека надминувањето на проблемите во судството треба да се бара преку принцип на саморегулација на работата на судските органи, за што е потребна е законска основа.

– Постои простор за интервенција во законите, со воведување механизми за поголема контрола на претседателите на судовите врз работата на самите судии, истакна тој.

Лазар Нанев од Основиот суд во Кавадарци истакна дека најголем дел од одговорноста за негативниот став на јавноста кон работата на судството е кај највисоките судски тела во системот како судскиот совет, апелациските судови, Врховниот суд, предизвикан од одредени нивни одлуки.

– Нивното однесување како тела што треба да ја гарантираат судската независност, директно влијаат врз понатамошното постапување и носењето конечни одлуки кај пониските инстанци. Тоа се рефлектира со недоверба кон целокупниот судски систем, изјави Нанев.

Тој посочи дека перцепцијата на делувањето на системот кај јавноста во моментот е сконцентрирана врз предметите по кои постапува СЈО, а кои се во ингеренција на Основниот суд Скопје 1.

– Судиите мора да ја согледаат реалноста. Најголемиот дел од нив ја имаат изгубено смислата за креирање право, креативност, ја изгубија смислата во делот на примената на меѓународните стандарди и правила. Мора да се согледа вистинската состојба и само владеењето на правото може да ја врати Република Македонија на вистинскиот пат, заклучи Нанев.

Правни експерти од САД, држави на ЕУ и на земјите од регионот на собирот во Охрид ќе ги претстават сопствените позитивни практики и искуства во контекст на донесување најдобри одлуки во справување со предизвиците, подобрување на перформансите при изборот, разрешувањето односно одговорноста на судиите, утврдување посебна методологија на разрешување на судии и клучното прашање околу изборот и одговорноста на членовите на Судскиот совет.

Би можело да ве интересира

Македонија на 63 место според „Индексот на владеење на правото“

А1он

Македонија на 64-то место во светот според Индексот за владеење на правото на Светскиот проект за правда

А1он

Бернс: Донираната опрема е чекор кон зајакнување на владеењето на правото

Ана Ололовска

Стапи во сила Законот за бесплатна правна помош

Ана Ололовска

Прибе: Независни политичари услов за владеење на правото

Ана Ололовска

Шкариќ: Злоупотреби на правото има многу, а за нив малку се зборува

Ана Ололовска