Во Градскиот музеј на Крива Паланка денеска се одржа конситутивна седница на Советот на општината, составен од деветнаесет советници. Уверенијата за советници ги додели заменик претседателот на Општинската изборна комисија, Методи Антовски.
Новиот општински Совет ќе биде во состав, дванаесетмина советници од кандидатската листа на Коалицијата за локални избори 2017, предводена од СДСМ, со носител Изабела Павловска која на локалните избори на 15 октомври освои 7.293 гласови, а останатите седум советнички мандати ги освои кандидатската листа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со носител Игор Тодоровски, која освои 4.824 гласа.
На изборите учествуваше и кандидатска листа на Левица, со носител Јованче Маџовски, која со совоени 219 гласа не освои ниту еден советнички мандат.
По доделувањето на уверенијата, советниците формираа комисија за верификација на мандати, а подоцна за претседател на Советот на општина Крива Паланка беше избрана Изабела Павловска од СДСМ.
Честитајќи им го изборот на новите советници градоначалникто на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, рече дека малкумина ја имаат честа да бидат во улогата на советници и одговорноста, според него, е голема, да се работи за да се остави белег на времето.
– Ќе работиме да се имплементираат проекти од интерес на сите граѓани и од интерес на развој на локалната самоуправа. Советниците се и посредници помеѓу граѓаните и нивните потреби и локалната власт, кои идеите и проблемите на жителите ќе ги преточат во проекти за добробит на сите, но советниците се и финансиери, затоа што заедно со мене ќе работат на изнаоѓање средства и финансии за реализација на програмите кои ќе ги имплементираме. Посакувам да бидеме сите во функција на служба за граѓаните, со цел по четиригодишниoт мандат да oставимe проекти кои ќе се паметат и со кои ќе се гордееме, порача Мицевски.
На првата, конститутивна седница на Советот на Крива Паланка присуствуваше и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.