Обвинителот на Специјалното јавно обвинителство, Стефчо Донев, на денешната јавна седница во Апелациониот суд за жалбата на обвинителството по отфрлањето на бомбите како доказ од кривичниот суд, рече дека це-дето со 5 бомби, кои кривичниот суд ги отфрли, се незаконски создадени, но дека СЈО ги добило т.е. прибавило законски. Четири разговори се снимени во 2011, а еден во 2013 година.
Сашо Дуковски, адвокат на ексминистерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска, рече дека жалбата на СЈО е неоснована. Тој пред судиите додаде дека судот не треба да ги зема предвид претходните одлуки на Апелација во двата случаи „Насилство“ и „Триста“, бидејќи во Македонија извор на правото се Уставот и законите, а не судската пракса.
Апелација на денешната јавна седница расправа дали бомбите може да се користат како доказ во предметот „Тендери“, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска. Вчера седницата се одложи поради службени обврски на претседателката на Апелацискиот суд, Лилјана Ивановска-Шопова.
Канческа – Милевска е обвинета во случајот „Тендери“ за злоупотреба на постапка за тендери
за изградба на Музејот на ВМРО.
Освен Канческа-Милевска во „Тендери“ обвинети се и Лидија Лазарова-Цветковска и Јулијана Угриновска. На крајот на септември кривичниот совет, кој го оценува обвинителниот акт, чиј претседател е судијата Ивица Стефановски, го прифати предлогот на адвокатите на Елизабета Канческа-Милевска, бомбите што не беа јавно објавени да не бидат доказ во постапката.
Апелација претходно одби да го преиначи решението на Основниот суд Скопје 1 и не им определи притвор на Канческа и Лазарова-Цветковска.
В. Маглешов