Македонската Опера во вторник, 31 октомври, ќе ја почне сезоната 2017/2018 која ќе биде во знакот на одбележувањето 70 години од нејзиното постоење.
Вечерта ќе почне со гала оперски концерт под диригентство на Бисера Чадловска, на кој ќе настапат солисти-првенци на МОБ со арии од Пучини, Маскањи, Џордано и Масне.
Во вториот дел од вечерта премиерно ќе биде изведена операта во еден чин „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи на италијанскиот режисер Џандоменико Вакари. Таа е прва опера изведена во Македонија во 1947 година. Во новата постановка диригент е Џанлука Мартиненги од Италија.
Режисерот Вакари на прес-конференција по повод премиерата истакна дека „Кавалерија рустикана“ е значајна зашто се смета за порта за италијанската опера во 19 век.
Сценограф на претставата е Зоран Николовски, костимите ги изработи Елена Дончева. Настапуваат: Весна Ѓиновска-Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Борис Трајанов, Николина Јаневска и Марика Поповиќ. Репризата е на 3 ноември кога диригент ќе биде Иван Еминовиќ.
Седумдеценискиот јубилеј од постоењето на Операта, МОБ го одбележува во текот на целата година со цел да го претстави целиот ансамбл и солистите кои се дел од оваа институција.