На денот кога во Скопје се одржа првата конференција, посветена на фемицидот, во средата, скопската полиција поднесе кривична пријава против Косовец за обид за убиство на својата сопруга.
Ниското ниво на свесност дека насилството врз жената во домашни услови треба да се пријавува, негрижата на институциите и сиромашната законска рамка се дел од факторите кои го спречуваат актуелизирањето на проблемот со убивање жени само од причина дека се жени.
Фемицид е најтешка форма на насилство врз жените. Според Светската здравствена организација фемицидот генерално се смета за убиство на жена, затоа што е жена, но пошироката дефиниција подразбира убиство на жени и девојчиња од секаков вид. Фемицидот во најголем случаи го извршуваат мажи, но понекогаш и членови на семејството на жената.
Повеќето фемициди се извршени од сегашниот или поранешниот партнер и следуваат по долгорочно малтретирање во домот, закани, сексуално насилство или ситуации во кои жените имаат помалку моќ или помалку финансиски средства од мажот.
Видови фемицид
Постојат повеќе видови фемицид. Најзастапен е интимниот, кој е извршен од поранешниот или сегашниот партнер. Според истражувањето на СЗО и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, повеќе од 35 отсто од сите убиства на жени глобално се извршени од итнимниот партнер, а само пет отсто од убиствата на мажи се извршени од интимните партнерки.
Друг вид фемицид е убиство во име на чест, што е најзастапен на Блискиот Исток или во Јужна Азија, но и во некои мигрантски заедници во Австралија, Европа и Северна Америка.
Постои и фемицид, поради мираз. Најчесто се јавува во Индија и станува збор за убиство на невестата поради тоа што не донела доволно мираз.
Има и неинтимен фемицид, извршен од некој кој не е во интимна врска со жртвата.
Највисока стапка на фемицид има во Ел Салвадор, Аргентина, Индија, Хондурас и Мексико. Фемицидот во помала мера од претходните земји, но сепак со висока стапка е забележан и во Јужна Африка, Гватемала, Колумбија, Бразил и Русија.
Фемицид во Македонија
Неофицијално во Македонија од 2013 до 2016 година се регистрирани 15 фемициди, односно намерни убиства на жени само затоа што се жени.
Извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство Елена Димушевска истакна дека загрижувачко е што нема и официјална статистика на фемициди или убиства на жени на национално ниво.
– Од 2013 до 2016 година имаме регистрирано околу 15 убиства, но тоа не е официјална статистика и не ја преставува реалната бројка. Од Државниот завод за статистика има податок дека од 2008 до 2016 година има 70 убиени жени, но сега се извршува анализа колку од убиствата се фемициди. Жените жртви се на различна возраст, информираше Димушевска.
Според неа, жените кои се жртви на фемициди претходно биле жртви на насилство, но и биле недоволно информирани за пријавување во соодветни институции.
Тие што пријавиле во полиција или во Центарот за социјална работа, не добиле соодветна реакција, односно не се преземени соодветни мерки и жената била убиена. Повеќе од 90 проценти од убиствата се случуваат во домот или доколку сопружниците се разделени се случуваат во куќата на жртвата. Најнебезбедно место на жртвите, е нивниот дом, рече Димушевска.
Фемицидот надвор од законските рамки
Македонија, како и поголемиот број земји во светот, го нема регулирано фемицидот како посебно кривично дело. Фемицидите не се посебно регуларани, па остапките се водат како убиства. Поради тоа и МВР не располага со официјални статистики за ваквиот вид злосторства.
Она што може да се понуди доколку насилството се пријави претходно е да се заштити жртвата, да се отстрани сторителот од домот.
Во Македонија има ниско ниво на свесност дека насилството врз жената треба да се пријавува во надлежните институции, а тоа се полициската станица или центарот за социјални работи. Во пријавените случаи, според Димушевска, пак, реакцијата не била соодветна, односно интитуциите не презеле соодветни мерки, не бил проценет ризикот.
Таа вели дека во Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство има 11 мерки, кои можат да бидат применти во случај кога е пријавено насилство.
Најголем пропуст, според Димушевска е процена на ризикот, а реакцијата на иституциите во добар дел од случаите не е соодветна и не се преземени сите можни мерки.
Сервиси за жртвите на семејно насилство
Во Македонија има вкупно пет центри за бесплатна правна помош на национални ниво, во Скопје, Тетово, Куманово, Свети Николе, Штип. Има четири шелтер центри со капацитет од по 30 кревети, во Скопје, Битола, Свети Николе и Кочани. Во земјава има само едно советувалиште за психосоцијална поддршка, во Скопје.
Значи постоечкиот сервис за помош на жртвите на семејно насилство, кои се потенцијални жртви на фемицид не одговара на реалните потреби. Особено се загрозени жените од руралните средини и оние со попреченост, тие имаат најмал пристап до сервисите.
Дороти Пачкова, претседателка на ГО за унапредување на правата на еднородителски семејства „Една може“, вели дека организацијата изминатите две години се соочила со над 200 случаи на тешко семејно насилство. Тука спаѓаат психичко, економско и физичко насилство со тешки физички повреди и долготрајни последици по животот на жената, но и на децата.
Додека пак случаите со следење, демнење портретизација, дикриминација по основ на семеен статус и вербално насилство, кои нашиот правен систем не ги препознава како насилство, се над четири илјади пријавени само во Една може, вели таа.
Упати алеп до институциите и државните апарати поактивно и бескомпромисно да работат на заштита на децата и жените.
– Затоа што најголем број фемициди не се случајни и над 70 отсто од нив се случиле во кругот на семејството, домот, од интимни партнери на жртвите. Најава на фемицидот се другите форми на насилство и акти на дискриминација, вербално, психичко, економско, сексуално и физичко, за на крај да кулминира со фемицид, нагласи Пачкова.
Низок степен на соработка меѓу надлежните институциите, Законот е неефикасен
Министерската за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека ова е големо прашање, за кое многу малку се зборувало во изминатите години.
Таа проблемот го лоцира во негрижата на институциите и несфаќање сериозно на насилството во домашни услови, како и во непостоење итни механизми за постапување. Царовска нагласи дека институциите меѓусебно не комуницираат и си ја префрлаат топката едни на други.
Како основа за решавање на овој, но и други поврзани проблеми ја гледа ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, позната како Истанбулска конвенција, која ја очекува во февуари или март.
– Со тоа ќе добиеме позасилен интензитет во зајакнување на капацитетот на институциите. Центрите за социјална работа и здравствените институции се оние кои први го идетификуваат проблемот и ако видат висок, но и среден ризик за фемицид треба навремено да реагираат, да се отстрани жртвата или да се отстрани насилникот, вели Царовска.
Според неа Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство е неефикасен и треба да се менува. – Тој се однесува само на семејно насилство, а треба да се однесуваат на сите форми на насилство, на родово базирано насилство, нагласи Царовска.