Лидерот на либанското движење „Хезболах“ Хасан Насрала, кој е верен сојузник на режимот во Дамаск, предупреди дека на Сирија и се заканува поделба.
Предупредувањето, Насрала го упати во своето обраќање денеска на телевизијата Ал Манар на Хезболах.
– Нашиот став е одбивање на каков било вид поделба на која било арапска или муслиманска земја. Повикуваме на обединување на овие земји, од Јемен, Ирак до Сирија, каде заканата од поделба е најприсутна, нагласи Насрала.
Лидерот на Хезболах, меѓу другото, ја повика либанската Влада директно да преговара со киднаперите на деветтемина либански шиити, киднапирани на 22 мај минатата година во сириската провинција Алепо на враќање од аџилак во Иран. Одговорност за киднапирањето ја презема група, која тврдеше дека е поврзана со Слободната сириска армија.
Сирискиот Центар за набљудување на човековите права објави дека вчера во Сирија загинале 219 лица, од кои 115 цивили, 57 бунтовници и 47 војници. Од цивилните жртви 102 загинале во Дамаск и неговата околина.
Конфилктот во Сирија трае 22 месеци, а досега животот го загубиле околу 60.000 лица, се наведува во вчера објавениот извештај на канцеларијата на ОН за човекови права со седиште во Женева.