Европратениците остро го осудија секој вид на сексуално насилство и изразуваат жалење што се толерирани такви дејствија. Извршителите треба да бидат казнети, повика Европскиот парламент во резолуцијата која е усвоена денеска во врска со тоа прашање.
Текстот вклучува и повик за стратегија на ЕУ и правила против малтретирање на полова основа, мерки за справување со прикривање на случаите и формирање на работна група од независни експерти со цел да се разгледа ситуацијата во ЕП.
Парламентот го повтори повикот кон ЕК од 2014 година за стратегија за целата Унија. Таа треба да вклучува предлог на законот со задолжителни инструменти за заштита на жените од насилство, вклучувајќи сексуално малтретирање и злоставување на жени и девојчиња.
Резолуцијата денеска беше прифатена со 580 гласа, против се изјаснија десет, а 27 европратеници се воздржале од гласање.
ЕП треба итно да започне истрага во врска со неодамнешните обвиненија за сексуално малтретирање, да воведе задолжителна обука за достојно однесување на работното место за сите службеници и европратеници. Со резолуцијата се бара ЕП да почне да води доверлив регистар за случаите, да формира работна група од незвисни експерти и да ги подобри официјалните процедури и поддршката на жртвите во рамки на Парламентот и/или со локалната полиција.
Земјите членки на ЕУ треба, исто така, да ја разгледаат ситуацијата во своите национални парламенти и да преземат соодветни мерки. Во заклучокот се наведува дека политичарите треба да бидат пример во борбата против сексуалното злоставување во парламентите и надвор од нив.
Податоците на Агенцијата на ЕУ за основните права од 2014 година, односно насилството врз жени, покажуваат дека:
– една од три жени била жртва на физичко или сексуално малтретирање во текот на својот живот
– околу 55 отсто од жените во ЕУ биле жртва на сексуално злоставување
– триесет и два процента од сите жртви во ЕУ изјавуваат дека извршителот е началник, колега или клиент; 75 отсто од жените во квалификувани професии или на високи раководни функции биле подложни на сексуално малтретирање, како и 61 процент од жените кои работат во сектор на услужни дејности.
– дваесет проценти од младите жени (18-29 години) во земјите од Унијата биле жртва на малтретирање преку интернет.
– една од десет жени е предмет на сексуално злоставување или следење на социјалните мрежи.