САД со дипломатија, со програмите за помош и јавните пораки до Србија и другите земји во регионот нагласуваат дека стабилноста, безбедноста и напредокот се важни, но демократијата и основните слободи бараат почитување на човековите права и владеењето на правото, изјави заменик помошник државен секретар Хојт Брајан Ји.
Тој истакна дека со промените во Белата куќа не значи дека се менуваат и приоритетите на САД во Србија и на Балканот, бидејќи американските интереси на Балканот не се променети.
– Ние сé уште сакаме регионот да биде поуспешен, постабилен, посигурен и подобро интегриран во остатокот од Европа, рече Хојт Ји, и оцени дека тоа била американската политика во текот на изминатите две децении и дека таа ќе се продолжи.
Во интервју за „ФоНет“, американскиот официјален претставник забележа дека јавноста има погрешна слика околу тоа кој колку инвестира во Србија. Хојт Ји рече дека за тоа дел од вината сносат американските дипломати, чија одговорност е да и објаснат на јавноста во Србија што прават и зошто тоа го прават.
-Меѓутоа, легитимно е и прашањето дали српските медиуми информираат што зборуваме, што соопштува нашата амбасада, претставниците во Брисел и во Вашингтон, изјави Хојт Ји.
– Можеби другите се повеќе ефикасни во испраќање на пораки, како на пример Русија. Помошта и инвестиции од Русија во Србија се незначителни во споредба со помошта и инвестициите на европски и американски партнери, потенцира Хојт Ји.
Напоменувајќи дека минатата година инвестициите од Русија изнесуваат околу 80 милиони долари, а од Европската Унија 1,5 милијарди долари. Тој рече дека тука нема споредба, но дека многу Срби имаат впечаток дека Русија обезбедува најмногу инвестиции и помош, што не е точно.
– Нашата цел е да се обидеме да ги овозможиме овие информации и се надеваме дека медиумите ќе ги пренесат. Во интерес на јавноста, но и на медиумите, е да се покаже состојбата на теренот, истакна Хојт Ји.
Тој се надева дека Србите ќе сфатат дека САД и ЕУ и помагаат на Србија да ги оствари своите цели. Хој Ји потенцира дека САД сака луѓето да имаат подобар животен стандард и Србија да се приклучи кон Европа, а, како што рече, Србите треба да се прашаат што прави Русија за да и помогне на Србија да ги оствари нејзините цели.
– Ние не се противиме Русија и Србија да одржуваат односи, знаеме дека овие односи секогаш биле многу силни, но важно е луѓето во оваа земја да сфатат дека руската визија за Србија и за Западен Балкан е многу различна од визијата што ја имаат Србите за нивната земја, и визијата на партнерите Америка и Европа за Србија и за остатокот од Западен Балкан, рече Хојт Ји.