Системот за трансфер на витални физиолошки информации ќа го намалат ризикот од смртност на воено поле и ќе го зголемат бројот на спасени животи, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на работилницата на НАТО-проектот СИАРС за развој на современ медицински информациски систем.
Целта е благородна, рече таа, а оние кои го ризикуваат животот за наша безбедност заслужуваат да се потрудиме да направиме се за да го намалиме ризикот што е можно повеќе.
– Методот е современ, развојот на технологијата често придонесува нашите закани да станат покомплексни пософистицирани, но во овој случај модерните технологии се во служба на унапредување на капацитетите на нашата безбедност. Брз и ефективен трансфер на витални информации во кризни ситуации е клучен за справување со проблемот бидејќи кога се работи за живот или смрт секоја секунда е пресудна. Информативниот систем кој би можел да го информира медицинскиот тим е вреден за пофалба и поддршка, а македонската одбрана има потреба од иновации, нагласи Шекеринска.
Според министерката, размената на искуства и технологии е она што ги прави организациите поотпорни на глобалните предизвици. Ова, додаде таа, се клучните приоритети и за НАТО и за Македонија. – Заедничките напори за иновации даваат подобри резултати, а со ваквите проекти се праќа порака дека државата има фокус за заедничка перспектива, рече Шекеринска.
Амбасадорката на Хрватска во Македонија Даниела Баришиќ ја поздрави решителноста на новата Влада во Македонија за, како што рече, спроведувањето на реформите и остварување на стратешката цел, интеграција во ЕУ и НАТО.
– Ние ќе и помогнеме на Македонија во овој процес, бидејќи тоа е добро за самата земја, регионот и НАТО, но и за Европската унија. Кога зборуваат за НАТО луѓето најчесто ја поврзуваат со војската и овие проекти покажуваат дека НАТО е многу повеќе од тоа – наука, истражување, демократски вредности, владеење на право, рече Баришиќ.
Според амбасадорот на Словенија во Македонија Милан Јазбец оваа работилница е добар пример за тоа како Македонија може да придонесе за НАТО, но и во разбирањето на духот на Алијансата.
– Соработката меѓу владата, граѓанското општество и академската заедница дава резултати, a Словенија и Хрватска даваат безрезервна поддршка за зачленување на Македонија во Алијансата. НАТО не е само воена организација, има повеќе од 350 различни комитети кои работат на наука, медицина, образование, бизнис и овој семинар е дел од тие активности, истакна Јазбец.
СИАРС е систем кој преку сензори за мерење на витални параметри на секој војник преку посебен алгоритам го пресметува степенот на ризик по здравјето и ја класифицира состојбата на секое лице опремено со овој сензор. Податоците директно се пренесуваат и во тактичкиот оперативен центар, кој е директно запознаен со состојбата на војниците. Со овој систем значително ќе се влијае на подобрување на можностите за спасување на војниците во бојното поле, а тој и ќе помогне во планирањето на соодветна евакуација и минимизирање на ризиците, транспортот и медицинската грижа потоа.
Проектот е финансиран од НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“, а учесници се Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ од Скопје, Факултетот за електротехника од Универзитет од Љубљана Словенија, Факултет за медицина од Универзитет Љубљана – Словенија, Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Македонија.