Денеска во Њујорк ќе се оддржи првото заседание на Советот за безбедност на ОН во новата година, пренесе ДПА. Тоа ќе биде раководено од Пакистан, земјата која од 1 јануари го презеде едномесечното ротациско претседателство со Советот за безбедност.
Пакистан соопшти дека за време на своето претседателство ќе организира општа дебата за глобалната борба со тероризмот, посочува ДПА, повикувајќи се на соопштение на мисијата на Исламабад во светската организација.
-Тероризмот може да биде искоренет единствено преку превенција, дијалог и развој, изјави по овој повод постојаниот претставник на Пакистан во ОН, Масуд Хан.
Пакистан минатата година стана непостојана членка на Советот за безбедност.
Расправата е закажана за 15 јануари и на неа ќе присуствуваат пакистанскиот премиер Раџа Первез Ашраф и министерот за надворешни работи Хина Рабани Хар. Ашраф и Кар ќе учествуваат и во сесијата на Советот за безбедност на 21 јануари, која ќе биде посветена на мировните мисии на ОН.
Од 1 јануари во составот на Советот за безбедност како непостојани членки за следните две години влегоа Аргентина, Австралија, Луксембург, Руанда и Јужна Кореја.