АД МЕПСО треба да и плати пенали на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во износ од речиси 800.000 евра заради ненавремено отпочнување на проекти за кои компанијата има земено заем од банката, во вредност од околу 50 милиони евра.
Ова, како што посочува генералниот директор и претседател на УО на АД МЕПСО, Сашо Василевски, во интервју за МИА, е нотирано во забелешките во прелиминарниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за материјално-финасиското работење на компанијата. Ревизијата ја нарачал претходниот менаџмент на МЕПСО, а наводите се потврдени и во интерната ревизија што ја спровеле сите ресорни директори при примопредавањето на функциите на барање на новиот менаџмент.
– Пред десетина дена имавме средба со претставници на ДЗР, бидејќи, согласно правилата на нивно работење, пред конечното изготвување на извештајот тие практикуваат и на претходниот и на новиот менаџмент да им ги презентираат забелешките што ги имаат за да може претходниот менаџмент, што беше опфатен во ревизијата, да бара корекција и да ги каже своите забелешки пред да се финализира документот. Една од побитните забелешки е дека МЕПСО треба да и плати пенали на ЕБРД заради ненавремено отпочнување на проекти за кои МЕПСО има земено заем од банката. Компанијата имаше склучено договори со ЕБРД за заем од околу 50 милиони евра за изградба на поголеми проекти кои претходниот менаџмент од неразбирливи причини не ги активирал во смисла на подготвување тендерска документација и отворање на постапки за остварување и реализација на проектите. Поради тоа дојдовме во ситуација за пенали за нереализирани проекти на ЕБРД да и плаќаме сума од околу 800.000 евра, прецизира Василевски.
Извештајот на ДЗС, нагласува, се уште официјално не е готов, а се очекува финалната верзија да биде доставена до МЕПСО до крајот на месецов или на почетокот на идниот месец.
– Новиот менаџмент, веднаш по стапување на функција, се соочи и со друг голем проблем. Станува збор за фирма која од февруари, па до моментот додека стапивме на функција, на нашата компанија и остана должна околу 48 милиони денари. Не знам дали тоа е направено свесно или несвесно, но факт е дека постои незаконско работење. Од страна на претходниот менаџмент не е активирана финасиската гаранција и согласно правилата не е инфомирана компанијата за ненавременото плаќање кон МЕПСО. Со тоа се запознати државните институции, а постапката е во тек и се надевам дека ќе има конечен расплет, потенцира Василевски.
Во интервјуто за МИА што целосно ќе биде објавено во петок, генералниот директор на МЕПСО говори и за постапката за отстранување на далекуводот на МЕПСО поради што не е пуштен во сообраќај автопатот од Демир Капија до Смоквица, ревитализацијата на ТС Дуброво, интерконективното поврзување со Албанија, капиталните проекти што се планира да се реализираат во наредниот период,….