Иновации и модернизирање на постжетвените активности, оценка на потрошувачите за различни типови биотехнологии во земјоделството, трендови во високото образование и науката, се само некои од темите што ќе бидат презентирани денеска на Меѓународниот симпозиум за земјоделство и храна во Охрид.
Симпозиумот неформално почна вчера, со работилницата „Про-метрофуд – инфраструктура за промоција на метрологијата и храната во исхраната“, а официјално ќе биде отворен денеска со обраќања на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски, на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, на деканот на ФЗНХ Вјекослав Танасковиќ, како и на претседателот на Организацискиот одбор на Симпозиумот Драги Димитриевски.
Најавено е учество на реномирани научници од 26 земји, претставници на универзитети, институции и компании.
На научниот собир ќе бидат претставени 386 трудови, а ќе се одржат и 39. Средба Факултет – Стопанство, 9. Симпозиум за градинарство и цвеќарство, 6. Симпозиум за лозарство и винарство, 11. Меѓународна конференција на Здружението на агроекономисти на Република Македонија и 39. Средба на Здружението за заштита на растенијата на Република Македонија.
Ова е трет Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна, а го организира Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) по повод јубилејот – 70 години постоење. Освен увид во најновите истражувања и поттикнување дебати и дискусии, од собирот се очекува и јакнење на соработката меѓу универзитетите, институциите и агро-бизнис секторот.