Поранешниот НБА кошаркар Кутино Мобли ги посети децата од СОС детско село во Скопје, каде одржа тренинг со 20 деца од програмата кои активно тренираат кошарка.
Покрај запознавањето и разменета на впечатоци, на игралиштето Кутино споделил и ги учел децата на кошаркарски техники и движења, по што одиграле вистински кошаркарски натпревар.
Кутино Мобли е еден од сопствениците на NYSK Холдинг, компанија инвеститор во Македонија, а неговата работна посета, како што вели, не го оддалечила од првичната преокупација – кошарката.
– Сакајќи со некого да споделам спортски моменти ги посетив децата од СОС Детско село, откако дознав за нивниот ентузијазам за тренирање кошарка. Поминавме прекрасни моменти и можам да кажам дека има вистински таленти меѓу нив, па затоа нашето дружење ќе добие продолжение како и кошаркарскиот тренинг, изјави Мобли.
Според менаџерот на програмата за згрижувачки семејства и развој на деца во СОС Детско село, Виолета Ѓеорѓиевска, ваквите моменти и случувања се од големо значење за развојот на децата затоа што им даваат чувство на семејна активност и искуство коешто ќе го паметат уште многу долго.