Претседателството на ЕУ го повика белорускиот лидер Александар Лукашенко да присуствува на самитот на „Источното партнерство“, пишува ЕУ Обсервер.
Некои европски политички експерти ваквиот чекор на Брисел веднаш го нарекоа „скандалозен“, а други во него гледаат можност да се ослабне врската меѓу Минск и Москва.
ЕУ Обсервер наведува дека доколку Лукашенко го прифати повикот, тоа ќе биде прва посета на седиштето на ЕУ на човекот кој се нарекува „последниот европски диктатор“.
– Минск треба да одлучи кој ќе ја претставува земјата, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој потврди дека Белорусија го примила повикот.
Дипломатски извори потсетуваат дека Брисел претходно ја укина забраната за влез во ЕУ за Лукашенко и 169 белоруски претставници на власта, откако официјален Минск презеде чекори за подобрување на односите со Унијата.
Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, кој моментно е советник на украинскиот претседател Петро Порошенко, е сигурен дека во дијалогот со Лукашенко, „Европа е добитник“, бидејќи тоа може да ја ослабне врската меѓу Москва и Минск.
Самитот на „Источното партнерство“ се одржува на секои две години и негова цел е да се воспостават блиски односи на ЕУ со Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Молдавија и Украина. До неодамна белоруската страна, која е сојузник на Русија, ја застапуваше министерот за надворешни работи.
Според весникот, 23-годишното владеење на Лукашенко го одбележија „убиства и злоставувања на опозициските лидери, изборни измами и разбивање на мирни протести“.