Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, денеска се сретна со Чао Ванг, заменик министер за надворешни работи на Народна Република Кина, придружуван од кинеска делегација и амбасадорката на НР Кина во Република Македонија, Јин Ликсиан.
– Република Македонија ќе направи големи успеси со Владата предводена од Вас, е оценката што ја пренесе кинескиот заменик министер на надворешни работи, Ванг, на премиерот Заев.
Заменик министерот за надворешни работи на НР Кина, Ванг, пренесе поддршка од неговата држава за реформските процеси што ги отвори новата Влада со цел подобар, квалитетен живот за граѓаните на Македонија.
– Ги цениме напорите на Македонија за реформите што ги прави, за продлабочувањето на соработката со земјите од соседството како и за членство на Република Македонија во ЕУ, рече кинескиот заменик министер Ванг.
На средбата беше изразена заедничка определба за продлабочување на соработката помеѓу двете држави како и натамошна меѓусебна поддршка.
Премерот Заев нагласи дека Владата на Република Македонија ги поддржува The Belt and Road Форумот за меѓународна соработка одржан во Пекинг годинава, проектот 16+1, престојниот самит во Будимпешта во ноември и додаде дека НР Кина ќе има во иднина уште подобар партнер во Република Македонија, во економско-трговските релации.
– Покажавме дека наша цел е да се исполни во целост имплементацијата на двата автопати, Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, што ги гради кинеска компанија во соработка со домашни фирми. Во план е потпишување неколку меморандуми со уште неколку кинески компании што се присутни во регионот, во областа на енергетиката и железничкиот сообраќај. Тоа покажува дека ние во НР Кина гледаме голем економски партнер, рече премиерот Заев.
Договорена е обострана владина поддршка на бизнис заедниците на двете земји, за засилена соработка во делот на економијата и трговијата, но и во други значајни области за граѓаните на двете земји.
Заменик министерот Ванг соопшти дека кинески компании веќе се заинтересирани за инвестирање во Македонија, во делот на високата технологија, вложувања во индустриски паркови, како и во телекомуникациите, образованието, науката, туризмот.
– Целта на Владата е да отвори нови и подобро платени работни места, да ги мотивира младите да ја гледаат својата иднина во родната земја, а ваквите проекти можат само да придонесат кон тоа, додаде премиерот Заев.
На средбата е поздравено од двете страни традиционалното пријателство помеѓу Македонија и Кина и е договорена натамошна интензивна соработка, за што се оценува дека се создадени услови.