Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева доби целосна поддршка од колегите од Вишеградската група и од Западен Балкан за побрза интеграција на регионот во ЕУ за време на бугарското претседателствување со Советот на Унијата.
Како што јави бугарската новинска агенција БТА, министрите присутни на годинашниот состанок во Будимпешта, што се одржува во рамките на унгарското претседателство со Вишеградската група, изразија надеж за забрзување на предпристапните процеси на земјите од Западен Балкан за време на бугарското претседавање со ЕУ во првата половина на 2018 година.
Шефот на романската дипломатија Теодор Малешкану истакна дека Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија е пример за целиот регион.
– Стабилноста и просперитетот на Западен Балкан е долгогодишен надворешнополитички приоритет на Бугарија и нема како да не е во фокусот на нашето претседателствување. Апелот до нашите пријатели е: Спроведете ги реформите поради вашите граѓани, не само поради идното членство во ЕУ, истакна Захариева.
Таа додаде дека верува оти нема да биде завршен европскиот проект без земјите од Западен Балкан да станат членки на ЕУ.
– Без Западен Балкан во ЕУ нема да биде завршен европскиот проект и Европа нема да биде доволно стабилен и безбеден континент. Нашата цел е на самитот на ЕУ во Софија следната година да имаме јасен план за секоја од балканските земји. Ние сме балканска држава и јас се гордеам со тоа. Ако ја оставаме историјата во минатото, ако гледаме напред во иднината и сме чесни и отворени за проблемите тогаш многу побрзо ќе постигнеме напредок, наведе Захариева.
Таа наведе дека покрај политичката поддршка за шестте земји од Западен Балкан, кои сакаат да станат членки на ЕУ, треба да им се овозможи и техничка и експертска помош во преговарачкиот процес.
Захариева посочи дека земјите соседи можат да сметаат на секаков вид помош од Бугарија.
– Сакаме датум за отпочнување на преговори за Република Македонија и за Албанија најдоцна во првиот квартал од 2018 година, изјави претходно унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој е и домаќин на Форумот во Будимпешта.
На министерскиот состанок на земјите од Вишеградската група и земјите од Западен Балкан што се одржува во Будимпешта учествува и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Годинашниот состанок во Будимпешта се одржува во рамките на Унгарското претседателство со Вишеградската група, а исто така се поканети да учествуваат и министрите за надворешни работи на Естонија, Романија и Словенија. Централна тема на состанокот е евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.
Вишеградската група – В4, која ја сочинуваат Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, е традиционален поддржувач на европската перспектива на Балканот. Тоа се потврдува и со одржувањето на редовни есенски состаноци на министрите за надворешни работи во формат В4 и Западен Балкан.