Поедноставување на постапката за полагање ловечки испит и измени на Законот за ловство, најави денеска од Равна Река, Пехчево, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
На стартот на ловната сезона и на средбата со пехчевските ловџии, Николовски истакна дека усвојувањето на законските измени се очекува идниот месец.
– Веќе е во процедура измената на Законот за ловство. Полагањето на ловечкиот испит ќе биде многу поедноставено. Досега се полагаше електронски и целиот процес беше комплициран, со низа дополнителни трошоци за кандидатите. Со измените, ќе се врати претходната форма на полагање, односно ќе се укине електронското полагање, истакна Николовски.
Со законските измени, кои се едно од ветувањата во владината програма, нема да има временско ограничување. Испитот, потенцира министерот, ќе може да се полага преку целата година.
Кон измена на Законот се пристапило зашто полагањето не можело да се спроведе поради изминатиот рок на договорот со испитниот центар, а јавна набавака, како што укажа Николовски, не била спроведена.
– Бидејќи се наоѓаме во предизборен период, очекуваме законоските измени да се донесат наредниот месец, а првото полагање да биде најрано во декември. Новата комисија ефикасно ќе го спроведува испитот, а над 1.300 кандидати ќе имаат можност да полагаат со претходно доставените апликации без никакви трошоци, рече Николовски.
Воедно истакна дека наскоро ќе биде обајвен и јавен оглас за нови концесии на ловиштата кои досега немале концесионери.
– Јавните конкурси за доделување на новите концесии за ловишта ќе бидат објавени по завршувањето на изборите. Исто така, во делот на процесот на доделување концесии за стопанисување со ловиштата, Владата планира да им помогне на концесионерите преку унапредување и доделување повеќе средства преку Програмата за развој и унапредување на ловството и за одгледување и заштита на дивечот во репроцентрите. Преку оваа Програма ќе се финансираат разни мерки кои би помогнале и на концесионерите за одржливо користење на ловиштата и за унапредување на ловството, информира Николовски.
Во Македонија има 266 ловишта од кои 122 се за крупен и 144 ловишта за ситен дивеч.