Хакери од Северна Кореја наводно украле голем број воени документи од Јужна Кореја, вклучувајќи и план за атентат на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, јави Би-Би-Си.
Ре Кеол-хе, член на парламентот на Јужна Кореја изјави дека информацијата доаѓа од Министерството за одбрана. Тој вели дека се украдени дури 235 гигабајти воени документи од информативниот центар, а дури 80 отсто од нив допрва треба да се идентификуваат. Нападот се случил во септември минатата година.
Компромитираните документи содржат воени планови, составени од САД и Јужна Кореја. Покрај нив, има и извештаи, кои биле поднесувани до високи офицери на јужнокорејските сојузници.
Министерството за одбрана во Сеул засега одби да ги коментира таквите наводи.
Хакерите, наводно, пристапиле кон плановите на специјалните единици, како и до податоци за значајни енергетски и воени локации.
Во мај годинава, Јужна Кореја објави дека била цел на кибер напади, но не соопшти повеќе детали.