Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и германската канцеларка Ангела Меркел телефонски разговараа за кризата околу Каталонија, соопшти денеска претставник на ЕУ.
– Меѓу останатото, тие разговараа и за ситуацијата во Шпанија, изјави претставникот на Унијата, без да посочи повеќе детали за содржината на разговорите.
Диполкматски извори во Брисел, сепак, оценуваат дека разговорот Јункер-Меркел на оваа тема е показател за загриженоста во ЕУ околу развојот на настаните во Каталонија по референдумот за независност одржан на 1 октомври.
По рефернедумот ЕУ оцени дека тоа е „внатрешно прашање“ на Шпанија, а еврокомесарот за економски и финансиски прашања Пјер Московиси во четвртокот изјави дека доколку Каталонија прогласи независност, новата држава повеќе нема да биде членка на Унијата.
Московиси при тоа повика на дијалог и помирување по насилството до кое дојде кога шпанската национална полиција се обиде да го спречи спроведувањето на референдумот, при што беа повредени речиси 900 лица.
Брисел изразува загриженост и поради можна нова ескалација на состојбата доколу каталонскиот Парламнет следната недела прогласи независност на Каталонија, како што беше најавено, и од реакцијата на Мадрид на ваквата одлука.
Експертите предупредуваат дека продолжувањето на оваа најголема политичка криза во Шпанија во последниве неколку децении, би имала негативни полседици по шпанската економија, која е четврта по големина во Еврозоната.
Во вакви услови Мадрид и Барселона се обидуваат да ги смалаат тензиите предизвикани со одржувањето на референдумот.
Шпанската Влада синоќа упати извинување од жителите на Каталонија поради немирите при обидите на националната полиција за попречување на референдумот, додека каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон го откажа обраќањето пред регионалниот Парламент во Барселона, што беше најавено за во вторник, кога се очекуваше да прогласи независоност на регионот.
Медимите во Шпанија оценуваат дека засега не е познато каков потег ќе преземе Пуџдемон следната недела, во услови кога е изложен на притисок од страна на сепаратистите за „почитување на одлуката на референдумот“ и за прогласување независност на Каталонија.
Тој уште претходно повика на меѓународно посредништво за надминување на спорот меѓу Мадрид и Барселона. Швајцарија вчера се понуди да посредува во овој дијалог, но Мадрид одбива какви и да било разговори со каталонските регионални лидери се додека тие не се откажат од идејата за независност на Каталонија.
Каталонскиот министер за територијален и одржлив развој Санти Вила во авторски текст во барселонскиот весник „Ара“ повика на „прекин на огнот“ со централната влада во Мадрид и побара да се размисли за „ползата и последиците“ од прогласувањето на независност на Каталонија.