Москва сака договорот за иранската нуклеарна програма, склучен меѓу шесте светските сили и Иран во 2015 година, да остане во сегашната форма, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Лавров изрази надеж дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе донесе „урамнотежена“ одлука за тоа дали ќе остане посветен на договорот за иранската нуклеарна програма.
– Учеството на САД ќе биде многу важен фактор за ова прашање, нагласи Лавров.
„Вашингтон Пост“ повикувајќи се на извори во Белата куќа вчера објави дека Трамп следната недела ќе ја повлече поддршката за иранскиот нуклеарен договор, затоа што смета дека тој не е во согласност со националните интереси на САД.
Весникот оценува дека ваквата одлука на Трамп би можела да биде чекор што ќе доведе до пропаѓање на договорот.
Според „Вашингтон Пост“, Трамп веројатно на 12. октомври ќе одржи говор во кој ќе ја презентира својата стратегија за Иран.
Трамп на 15. октомври треба да го информира Конгресот за тоа дали Иран ги почитува преземените обврски од нуклеарниот договор, по што конгресмените имаат рок од 60 дена да решат околу можно воведување санкции кон Техеран.
Повеќе републикански сенатори, меѓу кои и Тед Круз и Том Котон, го повикаа Трамп да објави дека Иран не го почитува договорот и со тоа да почне процесот за повторно воведување санкции кон земјата.