Политичката партија Левица денеска поднесува претставка пред Уставен суд со цел оспорување на нормираниот учинок во Законот за минимална плата, истакна на денешната прес-конференција носителот на советничката листа на „Левица“ за Општина Штип, Борислав Крмов.
– Собранието на Република Македонија ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за минимална плата во Република Македонија. Согласно измените и дополнувањата, минималната плата во Република Македонија почнувајќи со исплатата на платата за месец септември 2017 заклучно со јуни, 2018 година, за сите сектори во стопанството се утврди на бруто износ од 17.130 денари или 12.000 денари нето. Покрај дефинирањето на висината на минималната плата со последните измени и дополнувања на Законот се дефинира и обврска за утврдување на критериуми за поставување на нормиран учинок, вели Крмов.
Тој забележа дека токму утврдувањето на нормираниот на газдите ќе им даде можност да манипулираат и да не ја исплаќаат минималната плата на вработените.
– Владите и на ДПМНЕ и на СДСМ се секогаш наклонети кон заштита на крупниот капитал, иако декларативно во сите изјави се расфрлаат со познатите флоскули дека се со народот. Делата од нивната работа сведочат дека континуирано се ускратуваат работничките права. Единствено политичката партија ЛЕВИЦА искрено и посветено се залага за подобрување на статусот на работниците, рече Крмов.