Ирачкиот премиер Хајдар ал Абади денеска соопшти дека армијата на Ирак го освоила градот Хавиџа, кој беше последното урбано упориште на групата Исламска држава (ИД) во земјата.
– Ослободувањето на Хавиџа е победа за целиот свет. Ни преостанува само уште една област на границата со Сирија која треба да ја вратиме под наша контрола од ИД, изјави Ал Абади на заедничката прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон по нивната средба во Париз.
Хавиџа, град од 70.000 жители западно од Киркук, преставуваше закана за ирачките нафтени полиња. ИД го освои во 2014 година, за време на својата обемна офанзива во рамките на која ги зазема и Мосул, Тикрит, Фалуџа и делови од Багдад, односно најголемиот дел од Ирак што е населен со сунитски Арапи.
По неколкугодишните заеднички операции на ирачката армија, курдските сили и шиитските паравеони единици, поддржани со воздушните напади на меѓународната коалиција предводена од САД, ИД е пред пораз во Ирак.
Ал Абади од Париз ги повика курдските единици да продолжат да дејствуваат заедно со ирачката армија и покрај тоа што Ирачки Курдистан одржа референдум за независност.
Тој рече дека Ирак не сака вооружен конфликт со ирачките Курди, но дека сепак неговата Влада инсистира на задржување на контролата врз Ирачки Курдистан.