„По два мандати градоначалник на општина Велес, Аце Коцевски станал милионер.
Медиумите известија дека вечниот кандидат за градоначалник на Велес Аце Коцевски остварил приход од речиси 2 милиони евра во изминатите четири години преку својата фирма АФИОН. Фирмата на Аце Коцевски која ги остварила овие неверојатни 2 милиони евра приход, тој ја основал само 8 месеци по неговиот втор градоначалнички мандат.
Човекот кој со децении е на високи позиции, било на државно, било на локално ниво, и денес предложен од СДС за градоначалник на Велес по петти пат, само неколку месеци по неговиот втор градоначалнички мандат основал градежна бизнис империја тешка милиони.
Серија скандали, со објавени документи, поврзани со кандидатот за градоначалник на СДС за Велес, Аце Коцевски ја тресат јавноста овие неколку денови.
Човекот кој себе си се претставува за скромен и чесен бизнисмен, гради бизнис империја вредна милиони евра и тоа веднаш откако тој ја напушта функцијата градоначалник во 2009 година.
Еве за што станува збор.
Аце Коцевски во јануари 2010 година, само 8 месеци по престанокот на неговиот втор градоначалнички мандат ја основа фирмата АФИОН ДООЕЛ.
Една година подоцна, тој купува земјиште од 4.720 метри квадратни во индустриска зона чија пазарна вредност изнесува околу 100.000 евра. Внимавајте, градежното земјиште од 100 илјади евра Аце Коцевски го купува после неполни 2 години од престанокот на неговата функција градоначалник на Велес. Толку пари тој не можел да ги заштеди од платата која ја примал како градоначалник во сите девет години.
Потоа, во 2015 година, на тоа градежно земјиште, започнал да гради објект од 2.000 метри квадратни метри со пазарна вредност од 600 до 800 илјади евра.
Дополнително, истиот тој Аце Коцевски со својата фирма АФИОН во последните четири години остварил приходи од скоро 2 милиони евра.
Овие податоци јасно го откриваат вистинското лице на Аце Коцевски. Тој не е оној скромен и чесен човек кој упорно се обидува да се прикаже пред граѓаните, туку се работи за милионер кој на нејасен и по многу индиции сомнителен начин го стекнал своето огромно богатство.
Но, овие податоци уште појасно откриваат што стои зад неговиот интерес повторно да стане градоначалник на Велес. Тој бара нов мандат за да продолжи да го трупа своето лично богатство“, изјави Славче Трпески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.