Министерството за образование и наука формираше инклузивни работни групи за измени и дополнување на законите за основно и средно образование во кои се вклучени компетентни лица од државните институции, наставници и професори, граѓански организации и синдикати, соопшти МОН реагирајќи на прес-конференцијата на Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Разбираме дека ваквите инклузивни процеси се несфатливи за ВМРО-ДПМНЕ, кои решенијата ги носеа на сила и без јавна дискусија, гушејќи ја слободната мисла. Затоа, тие се соочија со протести од средношколците, студентите, наставниците и професорите, пишува МОН во реакцијата.
Министерството наведува дека ќе продолжи процесот на подобрување на квалитетот во образованието.
– Праксата на „отворени врати” и вклучување на сите засегнатите страни ќе биде принцип на работа на Министерството за образование и наука, затоа што само преку ваков инклузивен процес може да се обезбедат добри законски решенија и заштита на јавниот интерес, информира МОН.