Студенчишкото блато е природен феномен од особено значење за Охридското Езеро и е негов интегрален дел. Населено е со најразлични видови растителен и животински свет. Нивото на неговата моментална заштита е недозволива. Затоа предвидуваме наместо 4 до 5 хектари, заштитата да опфаќа површина од 50 до 70 хектар. Тоа денеска го најави Јован Стојаноски, кандидатот за градоначалник на Коалицијата „За живот во Македонија“ предводена од СДСМ.
Стојаноски рече дека не само што е потребно да се заштитат сите негови делови, туку е неопходно и да се ревитализира тоа што низ годините е уништено и опустошено.
– Блатото е последниот филтер на Езерото и неопходна е иницијатива за негово спасување. Со проектот „Спас за Студенчишкото Блато“ се предвидува зголемена заштита на рибниот фонд со посебен осврт кон преземање мерки за заштита на ендемичната охридска пастрмка, рече тој притоа истакнувајќи оти дека се работи за значаен проект од исклучителна важност за целиот езерски еко-систем.
Стојаноски нагласи дека идната локална самоуправа предводена од СДСМ ќе биде партнер на граѓанските организации кои во годиниве покажале значителна подготвеност да се борат до крај за зачувување на бројните природни богатства.
– Создаваме отворена општина, општина која е подготвена да ги слушне сите добронамерни идеи. Граѓаните се јасни и сериозни во своите барања, а ние одговорно го слушаме и го разбираме крикот за чиста животна средина. Обезбедуваме услови за здрав живот за сите, рече тој.