Општина Гази Баба беше целосно игнорирана и маргинализирана од властите во изминатите 12 години. Беше пример за руинирана, уназадена и непросперитетна општина.Ние имаме план и знаење се ова да го промениме, изјави Борче Георгиевски, кандидат за градоначалник на Општина Гази Баба од СДСМ.
Клучна цел за која напорно и одговорно ќе работат, рече, е квалитетот на живот и благосостојбата на граѓаните. Нагласи дека идната локална власт директно ќе ги поддржува домашните фирми, но ќе обезбеди и еднакви услови за странските инвеститори.
– Континуирано ќе вложуваме во развој на младите кадри, во отворање нови бизнис хабови, ќе работиме на здружување и соработка на бизнисите, општината и граѓаните со цел отворање нови добро платени работни места. Веруваме дека тоа е единствениот пат кон модерна и успешна општина. Ќе создадеме општина која ќе биде отворен сервис за секого и преку квалитетно менаџирање парите директно ќе ги враќаме кај граѓаните. Компаниите и бизнис заедницата ќе бидат нашиот партнер во дефинирање на клучните бизнис приоритети. Со редовни бизнис форуми планираме заеднички да го проектираме и следиме локалниот економски развој, истакна Георгиевски, додавајќи дека ќе овозможат услови младите иднината да ја гледаат во својата општина.