Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници спречија повеќе обиди за влез на непријавена и фалсификувана стока, при што се задржани муниција за огнено оружје, оптички нишани, текстилна стока, делови за ГПС-уреди, фалсификати и друго.
Притоа привремено е задржана следната стока:
Муниција и делови за оружје
– 100 парчиња пиштолска муниција со калибар 9 мм, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на багажот и личен претрес на македонски државјанин, пријавен за влез во државата, како патник во автобус со турски регистарски ознаки.
Муницијата била пронајдена во патна торба, сместена пред седиштето на прекршителот, и во џеб од неговата маица.
– два оптички нишани за ловечко оружје BUSHNELL, биле пронајдени во два одвоени случаи, при контрола на едно патничко моторно возило и еден автобус, пријавени за влез во државата.
Во првиот случај, нишанот бил пронајден на граничниот премин Табановце-автопат, при контрола на патничко моторно возило со бугарски регистарски ознаки, управувано од бугарски државјанин. Покрај нишанот биле пронајдени и 53 делови од ГПС уред (антени со кабел, електронски чипови QUECTEL терминали за оптичка мрежа Еуролан-фибер нетњоркс и надворешен УСБ адаптер NETSYS-Network).
Непријавената стока била сокриена во торбата со личен багаж, во внатрешноста на еден пар чизми, во штитниците од сонце над возачкото и совозачкото седиште и во внатрешниот лев џеб на јакната на возачот.
Во вториот случај, нишанот бил откриен на граничниот премин Делчево, пронајден во патна торба, сопственост на македонски државјанин, возач на автобус со македонски регистарски ознаки, кој сообраќал на релација Софија Битола. Покрај тоа, во просторот за резервни делови на автобусот, била пронајдена и една употребувана турбина за патничко возило, исто така сопственост на возачот.
Текстилни производи
– 924 готови текстилни производи (детски џемпери, блузи, тренерки, хеланки, ролки и панталони) откриени при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, извршена од страна на мобилните царински тимови. Возилото, претоварено со вреќи, сместени во багажниот простор, на седиштата, како и на кровните носачи, за контрола било сопрено во близина на населбата Топанско Поле. По извршениот преглед на вреќите, било констатирано дека истите се полни со разни готови текстилни производи, за кои возачот, македонски државјанин, не поседувал никави документи како доказ за потекло и платени царински давачки.
– 61 готови текстилни производи (детски панталони и џемпери), откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на товарно моторно возило-цистерна со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавената стока била пронајдена во црна кеса, сместена на креветот, во кабината на возилото.
– 49 готови текстилни производи (фустани, блузи, кошули, палта и друго) и 24 модни додатоци (гердани и обетки), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на британски државјанин, со косовско потекло, кој допатувал со лет од Лондон.
Фалсификати
Поради сомневање дека се работи за фласификати на заштитени трговски марки, привремено се задржани:
– 380 готови текстилни производи (долна облека и чорапи) со лого на Адидас, Пума, Нике и Д&G, откриени на царинската испостава Охрид, при контрола на текстилни производи пријавени за увозно царинење, за фирма увозник од Тетово.
– 80 спортски торби со лого на COCA COLA, откриени во соработка со Министерството за внатрешни работи, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавено за излез од државата, на граничниот премин Блаце. Сомнителната стока била пронајдена во најлонски кеси, смесени во багажниот простор на возилото.
– 4.400 вклучно-исклучни спојници, со лого на трговската марка Zastava, откриени на царинската испостава Скопје 3, при контрола на стока со потекло од Кина, пријавена за ускладиштување, за фирма-увозник од Скопје.
Вредноста на привремено задржаната стока изнесува над 21 илјада американски долари.
Монистри
– 7.622 украсни стаклени и пластични монистри и 50 стегачи за конец, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Дубаи.
Информираме и за обид за избегнување плаќање царински давачки со намерно погрешно декларирање на потеклото на стоката, откриен на царинската испостава Скопје 2.
Фирма увозник од Скопје, со три царински декларации, пријавила за увозно царинење резервни делови за индустриски машини (аксијални вентилатори, центрифугални вентилатори, конектори, самозатегнувачки навртки, пластични цевки, црева, вентили и мерачи на течности), при што приложила уверение за европско потекло ЕУР.1, издадено од царинската администрација на Република Турција, со намера пријавената стока да добие преференцијален царински третман, односно да биде увозно оцаринета со намалена царинска стапка.
По извршениот физички преглед на стоката, царинските службеници констатирале дека пријавената стока била со потекло од Кина и Тајван, поради што приложеното уверение за потекло е одбиено и пресметани се и наплатени дополнителни давачки во износ од 252.272 денари.