Во наредните четири години со 70 милиони денари ќе ги помогнеме сите активни клубови во Струмица и населените места, со посебен акцент на клубовите кои работат во млади категории, најави кандидатот за градоначалник на Струмица од СДСМ, Коста Јаневски.
-Ќе продолжиме со дополнителна финансиска помош за сите спортски клубови или поединци кои ја афирмираат општина Струмица на меѓународен план. Обезбедуваме награда од 360.000 денари за секој спортски клуб кој ќе донесе шампионска титула во сениорска конкуренција во Струмица. Месечна дотација за најмногу 15 тренери, по исто толку спортисти и млади спортисти кои работат во спортските клубови по однапред утврдени критериуми, вели Јаневски.
Тој најави и финансиска помош или помош во опрема за сите регистрирани спортско-рекреативни друштва во општина Струмица.
-Ќе ги обновиме и реновираме постоечките и ќе градиме нови мултифункционални игралишта во градот и населените места и нови рекреативни терени. Ќе ги обновиме постоечките фудбалски игралишта во населените места каде што активно се игра фудбал. На игралиштето со вештачка трева, ќе поставиме рефлектори и ќе изградиме монтажни трибини и соблекувални, најави Јаневски.