Одржлив економски развој, чиста и безбедна средина, подобар живот и локална власт на која во фокус и се граѓаните, најави денеска кандидатот на ДУИ за градоначалник на Општина Желино Фатмир Изаири.
Изаири на прес-конференција напомена дека неговата партија има конкретна програма.
– Целите се одржлив локален економски развој за повеќе вработувања, модерна патна инфраструктура, вода за пиење за секој дом, канализациска мрежа за секое живеалиште, квалитетно образование со модерна училишна инфраструктура, оживување на спортскиот живот, чиста и здрава животна средина, квалитет на животот за сите, како и транспарентно управување и професионална администрација во служба на секој жител, истакна Изаири.
Неговите главните точки во управувањето би биле, како што најави, над 18 милиони евра вкупни инвестиции од кои 8,1 милион во канализација и водоснабдување, канализациска мрежа за седум населби од Дервент и вода за пиење за секој дом, шест милиони евра во патната инфраструктура, 2,8 милиони во образованието и спортот, како и 1,4 милиони евра во животната средина, социјалната заштита и здравјето.
– Покрај тоа, ќе бидеме упорни и во спроведувањето на Законот за рамномерен регионален развој, со цел конечно реализирање на проектот за регионалниот водоснабдителен систем за снабдување со вода од Шар Планина за Врапчиште, Боговиње, Брвеница и Желино, дополни Изаири.
Овој капитален проект, рече, е во вредност од 12-15 милиони евра и со негово реализирање ќе се затвори прашањето на вода за пиење за овие општини.