Со мали промени во вашиот дом можете да го направите животниот простор поинтересен и посвеж. Тоа може да се постигне на различни начини, а еден од нив е бојадисување на ѕидовите во различни бои.
„Играњето“ со боите ќе создаде нова динамика и нова димензија во просторот во кој живеете, бидејќи тие позитивно влијаат врз психата и доброто расположение.
Изборот на бои треба да зависи од постоечкиот мебел, но мора да се има предвид и личниот вкус и наклонетоста кон одредени нијанси.
Препорачливо е користење на најмногу три различни бои во една просторија, но со примена на нивни нијанси може да се постигне поголема атрактивост.
Усогласувањето на боите на ѕидовите со ентериерот ќе го направи просторот подобар за опуштање и разонода.
Нежните нијанси на жолта, портокалова, зелена и сина боја може да се употребат во собата за дневен престој, но и во спалните и детските соби.
Употребата на поинтензивни нијанси на црвена, жолта, виолотова, зелена или сина боја мора да биде усогласена со ентериерот. Се препорачува со вакви нијанси да се обои само еден ѕид, на пример ѕидот во дневната соба каде стои комодата со телевизор.
Боите на ѕидовите треба да бидат усогласени со прекривачите и остантите декоративни предмети. По правило, тие би требале да бидат усогласени со интензивната нијанса на еден од ѕидовите, додека за другите се препорачуваат понежни бои, како крем, светло жолта, светло зелена, кајсија боја или бела.
Со користење на посветли бои може да се постигне оптичка корекција на ниските тавани, додека високите простори може визуелно да се „снижат“ со потемни нијанси. Со посветли бои исто така може да се постигне и визуелен впечаток на поголема пространост на собите.
За просотриите свртени кон север се препоралуваат нијанси на жолта боја со цел да се остави впечаток на поголема сончева светлина.