Делегации на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Влашката заедница во Битола и на Општина Битола денеска положија цвеќе на гробот на Милтон Манаки.
Претседателот на годинешното жири на фестивалот, кинематограферот од Норвешка Пол Рене Ростад, кој е и претседател на Асоцијацијата на кинематографери ИМАГО, рече дека е почестен што е дел од делегацијата на „Браќа Манаки“ во која беа и Гена Теодосиевска, уметнички директор на „Браќа Манаки“, и членот на жирито, кинематограферот од Италија Лука Коасин.
– Како во изминативе децении, така и оваа година, фестивалот „Браќа Манаки“ ја негува традицијата на оддавање чест на Милтон Манаки, истакна Гена Теодосиевска, уметнички директор на ИФФК „Браќа Манаки“.
Стефан Хаџи-Андоновски, претседател на аматерскиот кино-клуб „Студио Милтон Манаки“ и член на Влашката заедница во Битола, кусо ги потсети присутните за животот и делото на првиот балкански снимател.
Претставниците на фестивалот, Влашката заедница и градот ја негуваат оваа традиција на сеќавање на првиот филмски снимател на Балканот.
За одржувањето на гробот на Милтон Манаки (1880-1964) на Влашките (или Арманските) гробишта во Битола се грижат членовите на Влашката заедница.