Иднината на ЕУ и на регионот почиваат на силната економија, која се заснова на знаењето и на иновациите, констатирано е на денешниот регионален состанок на министрите за образование и наука во Белград, на кој учествуваше и македонската министерка Рената Дескоска.
На конференцијата на која присуствуваше и еврокомесарот за образование, култура и спорт Тибор Наврачиќ, министрите и претставниците од високообразовните институции од Србија, Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, заклучија дека постоењето на Западнобалканската платформа за образование и наука е исклучително важна за соработката на земјите од регионот, за размена на искуствата и на знаењето, како и за членството во ЕУ.
Министерката за обаразование и наука Дескоска изјави дека целта на конференцијата е да се продлабочат можностите за регионална соработка, зголемување на капацитетите на истражувањето и на науката во нашите земји, поврзување на нашите истражувачи меѓусебно, но и поврзување со истражувачите во ЕУ со цел да ги направиме нашите земји компететивни во рамките на науката и образованието.
Според неа, една од клучните акценти на конференцијата е можноста за што е можно поголемо искористување на фондовите на ЕУ за развој на образованието и науката, вклучувајќи ги Еразмус плус и другите програми.
– За жал, Р.Македонија досега нема голем процент на искористеност на можностите што се нудат во рамките на овие програми. Така што разговаравме за популаризирање на овие програми во нашите земји, универзитетите, обука на младите истражувачи, на центрите за истражување, за конкурирање…за се она што ќе значи збогатување на искуствата на истражувачкиот кадар, на образовниот кадар, на нашите студенти – со цел да се подобрат нивните знаења и да са направи Македонија конкуретна во рамките на науката и образованието во регионални и во европски рамки, изјави министерката Дескоска.
Според Дарко Димитров, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Република Македонија е единствена од земјите учеснички на Шестиот Министерски состанок на Западно-балканската платформа за образование и обука која е полноправна членка во Програмата Еразмус плус и која има целосен пристап до европските фондови за образование, обука, млади и спорт.
Според него, Националната агенција кон крајот 2013 г. ги оствари сите критериуми зададени од Европската комисија и се стекна со право на полноправно учество во програмата Еразмус плус со што станавме равноправни со сите европски Национални агенции, а Република Македонија се стекна со статус на Програмска земја. Добивањето на статус на програмска земја во програмата ЕРАЗМУС ПЛУС значи значитено зголемување можностие за македонските корисници како и потврдување на определбата на Р. Македонија за креирање на модерен и европски образовен систем. Овој статус им обезбедува на македонските граѓани еднаков статус каков што имаат и граѓаните на земјите членки на Европската унија во програмата Еразмус плус.
Министерскиот состанок во Белград се одржа по повод одбележувањето 30 години од програмата Еразмус плус.