Полициската станица Кичево поднесе кривична пријава против Абдул Абдули (58) од село Горно Строгомиште, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство“ и „неовластено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи“.
Тој вчера во Кичево, со пиштол „Сиг Сауер“ калибар девет милиметри пукал кон лицата Алит Абази(40) од село Србјани, кичевско, Дестан Абдиу (58) од Кичево кој е шеф на изборниот штаб на советничката листа од граѓанска инициатива и Шабан Далипи( 54) од село Грешница, кичевско кој бил случан минувач.
Тие со повреди биле пренесени во Општата болница во Кичево, по што Алит Абази и Дестан Абдиу, поради сериозноста на повредите биле пренесени во Ургентниот центар во Скопје. Повредениот Шабан Далипи по укажаната помош во болницата во Кичево, бил пуштен на домашно лекување.
Јавен обвинител и екипа на Полициската станица Кичево извршиле увид на местото на настанот. Притоа, пронајдени биле чаури и други предмети, кои биле подигнати и испратени на вештачење во МВР.
Според досегашните сознанија мотивите не биле политички иако повредениот Алит Абази е носител на советничката листа од граѓанска инициатива за советот на општина Кичево, туку станува збор за меѓусебни недоразбирања за кои се водела судска постапка.