Во соработка со „Првите филмови на прво место“ (First Film First) ИФФК „Браќа Манаки“-Битола денеска организираше мастерклас на светски познатата сценографка Марија Ѓурковиќ, која досега работела како продукциски дизајнер на триесетина филмски остварувања.
Сценографката Ѓурковиќ е потпишана на култните филмови „Били Елиот“, „Часови“, „Мама миа“, а има многу номинации и награди на британски и европски фестивали.
Во рамките на мастеркласот Ѓурковиќ се задржа на работата со режисерот Стивен Далтри на продукцискиот дизајн на филмовите „Били Елиот“ и „Часови“. Во однос на креацијата на сценографијата за одреден филм, Ѓурковиќ посочи дека секој детаљ во сценографијата е дел од „големата слика“, односно има влијание во дефинирањето на карактерите на ликовите во филмот и го потенцира дејството во приказната.
– Кога станува збор за филмови во кои се преплетуваат повеќе историски периоди, како во „Часови“, јас настојувам различните периоди да ги обединам во една визуелна естетика, истакна Ѓурковиќ.
Според програмата на ИФФК, попладне и вечер денеска во главната компетиција ќе се прикажат рускиот филм „Како Виктор ’Лукчето’ го однесе Алексеј ’Коњот’ во центарот за инвалиди“ и унгарскиот „За тело и душа“. Во програмата „Европски перспективи“ е филмот „Албум“, а во програмата „Земја во фокус“ – данскиот филм „Клучно куќно огледало“.
Во чест на браќата Манаки ќе има проекција на филмот „Манаки – приказна во слики“ на режисерот Роберт Јанкуловски.