„Нашето насилство и вашето насилство“ на првиот фестивалски ден на 42. МОТ

Од:

Фестивалот Млад отворен театар вечер ќе почне со три претстави, меѓу кои една е гостинска – „Нашето насилство и вашето насилство“ на хрватскиот режисер Оливер Фрљиќ на Младинско гледалишче од Љубљана и Хрватско народно казалиште „Иван Зајц“ од Риека.

– Оливер Фрљиќ станува култен режисер со својата провокативност, дрскоста, слободата и храброста да го каже тоа што го сака, рече на прес-конференција Златко Стевовски, директор на Младинскиот културен центар каде што вечер од 20 часот ќе биде изведена претставата во која копродукциски партнери се и неколку фестивали од Европа.

„Претставата „Нашето насилство и вашето насилство“ ја набљудува Европа, која е наивно затечена од бегалската криза, Европа која бескрупулозно го заборава своето колонизаторско минато и која им ги затвора границите на оние што бегаат од последиците на европските и американските политики“ – вака ја најавува МОТ претставата која го носи епитетот контроверзна поради многуте реакции што ја следат.

Директорот на Младинско гледалишче Тибор Михелич на прес-конференцијата рече дека ова е трета претстава со Фрљиќ која се разликува од неговите претходни две („Комплекс Ристиќ“ и „Проклет био издајица своје домовине“).

– Првите две се занимаваа со нашите ексЈу трауми, а третата првпат фрла некоја бомба во Западна Европа и перцепцијата на Западна Европа не беше позитивна, а тоа и го очекувавме. Оваа е прва претстава која не се занимава со нас, туку со нив и тоа за нив беше проблем, рече Михелич.

Провокациите и вулгарностите односно – симплифицираниот јазик, како што рече, се употребува за да го критикува популистичкиот дискурс на Европа кон општествените проблеми. Реакции имало и за националните и верските симболи.

Јелена Ковачиќ, директор на Драмата на ХНК Риека, рече дека претставата имала исклучително интересен пат и проблематични гостувања, особено во Сплит, каде изведбата беше под полициски надзор. Во Сараево, пак, поради противење на Католичката црква, „Нашето насилство и вашето насилство“ требаше да се изведе во затворен круг пред жири, но сепак беше одиграна поради демонстрации од публиката.

На првиот фестивалски ден на 42. Млад отворен театар вечер ќе бидат и две македонски претстави – „Силјан штркот шанца“ на Македонскиот народен театар (од 18 часот) и „Експеримент“ на театарот „Артопија“ од 22 часот на сцената на Детскиот театарски центар.

Русе Арсов од Советот на фестивалот ја соопшти програмата во која до 4 октомври ќе бидат изведени уште 15 претстави. Ќе гостуваат: „Мојата фабрика“ на Босанскиот национален театар од Зеница, „Птичка“ на театарот Agrupacion Senor Serrano од Шпанија,„Лебенсраум“ на Јакоб Ахлбом од Холандија, „1 сиромашен и една 0“ на театарот BADco од Загреб, „Сослушување“ на иранскиот Mehr Theatre Group, „Мир со вас“ на бугарскиот театар Vox Populi и полската претстава „Хор на сираци“ на КТО Театар од Краков.

МОТ и оваа година прваи пресек на продукцијата во макеоднските театари од кои на програмата се претставите: „Разговор во четири очи“ на МНТ и Скопје филм студио, „Шумата на моето дрво“ на Велешкиот театар, „Доктор Фауст“ на Битолскиот театар, „Антигона и Креонт“ и „Лерин, полиња жито, ридишта крв“ на Театар на Навигаторот Цветко, „Систем ерор“ на Факултетот за драмски уметности, како и претставата „Бакнати од Сонцето“ на Театар Пи во која учествуваат лица со попреченост од Дневниот центар „Порака“.

Претставите ќе се изведуваат од 18, 20 и 22 часот, на сцената на Младинскиот културен центар, како и во Македонскиот народен театар, Театар Комедија, Кино Култура, Македонската опера и балет, Детски театарски центар и Мала станица.

МОТ и оваа година ќе има придружна програма која ќе опфати неколку работилници, предавања и концерти, како и промоција на книгата „Филозофија на паланката“ на Радомир Константиновиќ, на 2 октомври во 18 часот.

Во рамки на програмата МОТ+, пак, која е активна преку целата година, на манифестацијата „Бела ноќ“ на 7 октомври на плоштад „Македонија“ ќе биде изведен перформанс од Јужна Кореја.

Би можело да ве интересира

Вечерва „Хинкеман“ на независниот театар Златен Елец го отвара 49. МОТ

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска