Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, го одби како неосновано барањето за укинување на мерките за претпазиливост на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој е обвинет од СЈО во случаите „Таргет“ и „Тврдина“.
– Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по предлог на обвинетиот С.М. поднесено преку неговите бранители за укинување на мерките за претпазливост, на нејавна седница, донесе решение со кое барањето се одбива како неосновано, соопшти скопскиот Кривичен суд.
Оттаму посочуваат дека мерката на претпазливост, привремено одземање на патната исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државната граница, и мерката, обврска на обвинетиот еднаш неделно да се јавува кај надлежно службено лице во судот – остануваат на сила.
Против ова решение, странките имаат право на жалба во рок од три дена до Апелацискиот суд – Скопје.