„Макфест“ годинава со намален фонд за награди

Од:

Триесет композиции во две полуфинални вечери на 5-ти и 6 октомври ќе се натпреваруваат на 32. Фестивал на забавни мелодии „Макфест“ во Штип кои ќе се тркаат за пласман во финалето на 7 октомври.

Уметничкиот директор на фестивалот Љупчо Мирковски денеска на прес-конференција во Скопје рече дека направен е баланс на брзи и бавни песни, машки и женски вокали, соло-изведувачи, дуо и групи.

– Некој ќе мора и да отпадне. Во финалето има 20 композиции од 30-те од двете полуфиналиња. Но никогаш не е правило дека таа песна што ќе отпадне нема да биде поголем хит од таа што ќе влезе во финалето, рече Мирковски.

Меѓу учесниците ќе има и шест од странство (од Шведска, Бугарија и Таџикистан во првата полуфинална вечер и од Азербејџан, Белорусија и Финска во второто полуфинале), за кои важеле истите пропозиции за избор како и за домашните автори и, како што рече Мирковски, за нив ќе нема посебен третман, туку за пласман ќе се борат под еднакви услови.

На годинашниот конкурс бил послаб интересот од автори кои тој ги нарече „од првата борбена линија“, а имале наплив на неквалитетни песни.

Гласањето ќе биде од жири, преку телевоутинг и со гласови од публиката – која ќе го замени минатогодишниот начин – изведувачите да гласаат меѓу себе. Овој начин воведен лани го напуштаат затоа што се покажал нефункционален од организациски аспект, но и затоа што се гласало по пријателска линија. Телефонското гласање ќе биде со праќање СМС-порака на 141 730 (10 денари плус ДДВ) во која се впишува редниот број на композицијата.

Оваа година изведувачите на фестивалот ќе настапат во живо на матрица, без придружба на големиот Ревиски оркестар на сцената, затоа што не биле одобрени средства. Тоа, според Мирковски, ќе ја намали гламурозноста на фестивалот, зашто тој оркестар има 50 членови и, рече, предизвик е за секој пејач да пее во негова придружба.

Организаторите се пожалија за намалениот буџет за фестивалот и соопштија дека од Министерството за култура добиле анекс за измени на висината на паричните награди кои се намалуваат, што е генерален став за сите музички фестивали во Македонија.

Според анексот, првата награда, која изнесуваше 20.000 евра, сега ќе изнесува 1.500 евра, за втората награда 1.000 евра, третата 750 евра, а по 500 евра да изнесуваат наградите за најдобриот дебитант, за сценски настап, за вокална изведба и за најдобар аранжман.

– Останатиот дел од сумата што беше утврдена во преддоговорот, а тоа е делот за финансирање на хонорарите за песните, останува иста. Таму не не чепкаат. Наградите боделе во очи. И за нас е тоа шок, Ни беше најавено дека е генерален став на Министерството. Останува градоначалникот на Штип да го види ова и да земе став, рече Кирил Панајотов, технички директор на „Макфест“.

На ваквата одлука реагираа некои од композиторите присутни на прес-конференцијата. Кире Костов тоа го нарече омаловажување на авторите и неценење на македонската забавна музика. – Дали треба Аца Лукас овде цел живот да ни пее, праша Костов.

На финалето на 7 октомври ќе има ревијална вечер. Трите фестивалски вечери од „Макфест 2017“ и оваа година во живо ќе ги пренесува Македонската радиотелевизија.

Би можело да ве интересира

Со кревањето на фестивалското знаме, започна „Макфест“

Завршен изборот на композиции на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“

Триесет и шесто издание на „Макфест“

Песната „Сакам да живеам“ од Нокаут победничка на 35-то издание на „Макфест“

Ана Ололовска

Публиката со маски и дистанца го славеше 35-от роденден на „Макфест“

Ана Ололовска

Штип: „Макфест“ може да се одржи на отворено, „Пастрмајлијадата“ откажана

Жарко Настоски