Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „За подобра Македонија“ за градоначалник на Аеродром Ивица Коневски денеска на вториот ден од кампањата за локалните избори оствари средба со жителите на населбата Мичурин.
Тој со нив продискутирал за некои од проектите предвидени во изборната програма на коалицијата „За подобра Македонија“ за следните четири години.
– Еден од покрупните проекти, кој наиде на големо одобрување и поддршка од жителите на Мичурин е проектот за промена на дотраените и оштетени фасади. Овој проект кој почна минатата година, ќе го продолжиме и во наредниот период, со што ќе ги обновиме сите оштетени фасади, како во оваа населба, така и на целата територија на Аеродром, нагласи Коневски во соопштение.
Планирана е и реконструкција на санитариите во ОУ „Блаже Конески“, како и обнова на фудбалското и кошаркарското игралиште, кои се во рамки на ова училиште. За поголема безбедност на учениците планирано е пред влезот да се постави хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.
Во однос на инфраструктурата, во Мичурин се предвидени нови пешачки патеки од бекатон плочки, реконструкција на сите оштетени улици, изградба на нови паркиралишта и тротоари, како и поставување нови линии за јавно осветлување.