Два дена по катастрофалниот земјотрес во Мексико, при што загинаа најмалку 230 лица, спасувачките тимови воспоставија контакт по телефон со деца, затрупани под урнатините на училиште во Мексико Сити.
Спасувачите соопштија дека разговарале со 12-годишно девојче со име Фрида, кое кажало дека со неа има и други деца. Во моментов се прават напори да им се достави вода.
Градоначалникот Хозе Луис Вергара потврди дека под урнатините со сигурност се наоѓа најмалку едно дете.
На местото околу основното училиште, кое се урна во земјотресот со јачина од 7,1 степен по Рихтеровата скала, собрани се пријатели и семејства на жртвите, кои се надеваат дека под урнатините има уште преживеани, јави Си-Ен-Ен. Спасувачките тимови инсистираат на молк со цел да ги чујат евентуалните повици за помош, но пукањето на метал и кршењето на бетонот ја нарушуваат тишината.
Во текот на 12 часа, доброволци и спасувачи вадеа преживеани од под урнатините, а секој од нив беше дочекан со голем аплауз.
Засега е потврдено дека загинале 25 лица – 21 дете и четворица возрасни во основното училиште во Мексико Сити, 11 лица се спасени, а три се водат за исчезнати.